Македонија

Охрид доби нова шанса – Владата има пет години за исполнување на препораките на УНЕСКО

Охрид доби нова шанса – Владата има пет години за исполнување на препораките на УНЕСКО

Охридскиот Регион нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, откако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 48. сесија во Бусан, Јужна Кореја, донесе одлука да му даде нов рок на земјава за спроведување на препораките за негова заштита.

Одлуката беше изгласана со поддршка од 16 од вкупно 21 членка на Комитетот. Со тоа, Северна Македонија доби дополнителни пет години за реализација на обврските преземени кон УНЕСКО, согласно писмото со конкретни приоритети и активности што Владата и општините од Охридскиот Регион го доставија до организацијата.

Македонската делегација на сесијата во Бусан ја предводеше амбасадорот во Париз, Игор Николов, заедно со претставници од повеќе државни институции.

Во нацрт-одлуката пред гласањето беше предложено Охридскиот Регион, кој е заедничко природно и културно наследство на Северна Македонија и Албанија, да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Како причини беа наведени недоволниот напредок во исполнувањето на препораките на УНЕСКО, како и тоа што голем дел од заканите за регионот и понатаму не се отстранети.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека Владата побарала шестгодишен рок за спроведување на неопходните мерки, но Комитетот одлучи да одобри пет години. Според него, проблемите што се наталожувале со децении не можат да се решат за краток период, а процесот бара координација и со Албанија, со која земја се дели Охридското Езеро.

Прашањата поврзани со издавањето дозволи за градба и отстранувањето на дивоградбите остануваат во надлежност на локалните власти, додека УНЕСКО и во наредниот период ќе го следи спроведувањето на преземените обврски.

Инаку, и минатата година Комитетот предложи Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, но тогаш беше одобрен едногодишен дополнителен рок. Таа одлука предизвика реакции од бројни организации кои оценија дека препораките на експертите на УНЕСКО повторно биле занемарени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни