Интензивните врнежи од дожд што ја зафатија територијата на Македонија во изминатите четири дена предизвикаа значителен пораст на водостоите, особено во југозападниот дел на државата. Сепак, АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ја информира јавноста дека состојбата е стабилна, акумулациите се под контрола и не постои никаква опасност од прелевање.
Иако нивото на водата во сите хидроенергетски акумулации бележи раст, од државната енергетска компанија уверуваат дека има доволно простор за прифаќање на силните дотеци што ги донесе овој влажен бран.
Охридско Езеро: Далеку од „црвената линија“
Посебно внимание во јавноста предизвика порастот на нивото на Охридското Езеро. Според мерењата на стручните служби од подружницата ХЕС „Црн Дрим“, водостојот во последните три дена расте по неколку сантиметри дневно.
Заклучно со вчерашниот ден, езерото се наоѓа на кота од 693,33 метри надморска височина (м.н.в.). Иако ова е за два сантиметри над просекот за месец ноември, од ЕСМ потенцираат дека нема простор за паника.
„Тоа ниво е далеку од максимално дозволената кота која изнесува 693,75, односно 694 метри надморска височина. Апелираме да се користат релевантни податоци – Езерото е на сосема безбедно ниво и не претставува директна опасност за Охридско-струшкиот регион,“ велат од компанијата.
Рекорден дотек во Дебарско Езеро: Пораст од два метри за четири дена
Најдрастична промена е регистрирана кај акумулацијата Шпилје (Дебарско Езеро), каде нивото на водата за само четири дена пораснало за два метри. Утринските мерења покажале кота од 564,55 м.н.в.
Овој нагол пораст е резултат на силниот вкупен дотек од 128,50 метри кубни во секунда, кој доаѓа примарно од реката Радика и од локалниот слив, каде наврнале дури 100 литри воден талог на метар квадратен.
Вакви обилни дотеци, според податоците на ЕСМ, не се регистрирани во последните седум години, иако се карактеристични за есенскиот период.
Енергетска стабилност: Водата ќе се чува за грејната сезона
Во хидроелектраната „Глобочица“ исто така се бележи интензивен страничен дотек од реките во струшкиот регион. Сепак, благодарение на воспоставениот режим на работа на хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“, ситуацијата се менаџира безбедно.
На располагање и со висока доверливост се сите пет агрегати во двете хидроелектрани. Производството на електрична енергија е веќе адаптирано на новите хидролошки прилики.
Од АД ЕСМ најавуваат дека врнежите кои се очекуваат викендов нема да претставуваат проблем. Дел од водата ќе се преработи преку турбините веднаш, додека останатиот дел ќе се акумулира и ќе се чува како скапоцена резерва за производство на струја во текот на претстојната грејна сезона.
Компанијата продолжува будно да ја следи состојбата и да презема мерки за безбедно справување со високите води.