Водата во Охридското Езеро утринава во 7:30 часот достигнала температура од 26 степени Целзиусови, што е за дури 2,5 степени над просекот за овој период од годината, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). За споредба, вообичаената просечна температура за месец август изнесува 23,5 степени.
Покрај тоа што езерото е значително потопло од вообичаено, податоците покажуваат и стабилно ниво на водата. Денешното мерење е на кота од 693,57 метри надморска височина, што е за 11 сантиметри над просекот за август (693,46 м.н.в.).
Оваа состојба на езерското ниво е поволна и се наоѓа на дури 47 сантиметри над законски дозволениот минимум од 693,10 метри надморска височина.