ОЈО ќе ја испитува работата на 39 полицајци по случајот со Стојанче Јовановски

Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК ќе ја испитува постапката на 39 полициски службеници во случајот на Стојанче Јовановски, кој изврши семејно насилство врз сопругата Ивана и малолетната ќерка Катја.

Известувањето на МВР за пропустите на полициските службеници веќе е доставено до ОЈО ГОКК и ќе биде разгледано од јавен обвинител за да се утврди дали постои кривична одговорност. Од МВР потврдуваат дека одделот за внатрешна контрола утврдил сериозни пропусти во постапувањето на службените лица по пријавите за насилство.

Судењето против Јовановски започна вчера во Основниот кривичен суд Скопје. Тој делумно призна вина за две од трите дела за кои се товари, но судот не го прифати делумното признавање, поради сомнеж дека признанието не било дадено доброволно.

Мајката на починатата Ивана Јовановска пред судот изјави дека ќерка ѝ со години живеела во страв, под постојана контрола и со модринки од сопругот.