Состојбата со сезонскиот грип во Македонија покажува знаци на смирување, но интензитетот на вирусот и понатаму налага сериозна претпазливост.
Директорката на Институтот за јавно здравје, науч. сор. д-р Марија Андоновска, на денешната прес-конференција информираше дека во четвртата извештајна недела се регистрирани 1.708 случаи, што е значителен пад во однос на претходниот период.
Сепак, црната статистика бележи загуба на човечки животи, а вирусот сè уште е најактивен кај најмладите и во неколку поголеми градови низ земјата.
„Во текот на оваа недела бележиме намалување на бројот на заболени за 17,2% во споредба со претходната недела. Иако имаме две недели по ред со опаѓачки бројки, сè уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот. Искуството од минатата сезона нè учи дека може да има и втор бран, па затоа остануваме будни и ја следиме состојбата,“ истакна д-р Андоновска. Таа потврди дека до овој момент во сезоната се регистрирани три смртни случаи како последица на компликации од грипот.
Според возрасната структура, најкритична е состојбата кај децата до 14 години, каде е регистрирана највисока инциденца. Директорката упати дециден апел до родителите да бидат одговорни во овој период:
„Децата да не се носат во училишта и градинки доколку покажуваат симптоми. Целта е тие побрзо да закрепнат, но и да спречиме трансмисија на вирусот. Некој можеби ќе помине со лесна слика, но може да биде причина да заболи лице од ранливите категории за кое исходот би бил тежок.“
Географски, вирусот покажува многу висока активност во девет градови, додека Кавадарци и Струмица се издвојуваат како подрачја со висок интензитет. Во насока на превенција, Институтот ги повтори препораките за заштита, особено за хронично болните и постарите лица.
„Нашите препораки остануваат исти: да се избегнуваат собири во затворени простории, да се носи маска доколку престојот таму е неопходен, да се одмара дома и строго да се следат советите на матичните лекари,“ порача Андоновска, додавајќи дека самоизолацијата при првите знаци на болест е клучна за запирање на ширењето на инфекцијата.
