Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна (RASFF) ја информираше Хрватска дека на нејзиниот пазар се пронајдени црвени пиперки од Северна Македонија со неовластени количини на пестицидот метомил.
Според RASFF, ризикот е оценет како „сериозен“ и е наредено итно повлекување на производот. Кај пиперките е откриен 0,049 mg/kg (ppm) метомил, додека максималното дозволено ниво е 0,01 mg/kg (ppm).
Метомилот е инсектицид од типот карбамат кој е воведен во 1966 година и е познат по својата висока токсичност за луѓето, добитокот, домашните миленици и дивите животни. Примерок од контаминираните пиперки е земен на 23 септември, додека Хрватска официјално е известена за проблемот на 3 октомври.
Европската агенција за безбедност на храната ги предупредува потрошувачите дека здравствениот ризик од овој пестицид е сериозен.