Општина Битола со жалење за инцидентот со улично куче: Се преземаат мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња

Општина Битола денеска преку соопштение до медиумите вели дека изразува длабоко жалење за немилион настан, кој вчера се случи во угостителски објект на Плоштад Магнолија.

Во инцидентот, осумгодишно дете се здоби со повреда на челото по напад од улично куче.

„Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки.

Во денешниот контакт со родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сеуште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив. Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња“ велат од Општина Битола.

Во соопштението понатаму се додава дека во координација со ЈП „Комуналец”, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња.

И додаваат дека прифатилиштето „Хачико”, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика. Работата на прифатилиштето мора да биде поддржана, а не дискредитирана, како што за жал беше случај изминатата недела, од одредени субјекти, стои во соопштението од Општина Битола.

Општина Битола апелира до сите засегнати страни и институции за координирано делување и поддршка на ваквите решенија, кои овозможуваат безбедна и хумана средина за сите граѓани“, велат од таму.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното