Објавен е јавниот повик за невработени лица од општина Кратово за учество во проектот од програмата за општинско-корисна работа на Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Кратово од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија.
– Се повикуваат сите евидентирани невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во проектот “Нов пријател” од програмата општинско-корисна работа со кој е предвидено работно ангажирање од дваесет часа неделно за период од шест и девет месеци со цел стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово. Работните позиции што се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање негователи на стари и изнемоштени лица, физиотерапевт, образовен асистент, неговател во предучилишна установа, информираат од локалната самоуправа на општина Кратово.
Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество во програмата.
На кандидатите кои ќе бидат избрани ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата се должни редовно да се јавуваат во АВРСМ, а невработените лица – корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
Може да се пријават долгорочно невработени лица, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок по основ на невработеност, лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, инвалидни лица, жени припадници на помалите етнички заедници, лица припадници на ромската етничка заедница, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца, лица со незавршено средно или пониско образование.
Пријава за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се поднесат во Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово најдоцна до 15 август 2019 година.
Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во општина Кратово кај лицето Катерина Станковиќ, Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“, Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово и Центар за социјална работа Кратово.
