Орбан бара начин да ги заобиколи санкциите на САД врз руската нафта

Унгарија работи на наоѓање начин да ги „заобиколи“ американските санкции врз руските нафтени компании, изјави премиерот Виктор Орбан за унгарското национално радио Кошут во понеделник, објави Ројтерс.

Премиерот, исто така, рече дека разговарал за ова прашање со унгарската нафтена компанија МОЛ.

Американскиот претседател Доналд Трамп во среда воведе директни санкции врз руските компании Лукоил и Роснефт, за прв пат во својот втор мандат.

За потсетување, земјите од ЕУ го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија поради нејзината војна во Украина. Мерките вклучуваат забрана за увоз на руски течен природен гас.

„Со големо задоволство објавуваме дека последната земја-членка нè информираше дека сега може да го повлече ветото на 19-тиот пакет санкции “, се вели во соопштението на данското претседателство.

Словачка беше последната пречка откако земјите од ЕУ се согласија за конечниот текст минатата недела. Словачкиот премиер Роберт Фицо побара гаранции од Европската комисија во врска со високите цени на енергијата и потребата од усогласување на целите за заштита на климата со потребите на автомобилската и тешката индустрија.

Забраната за увоз на течен гас ќе стапи на сила во две фази: краткорочните договори ќе завршат за шест месеци, а долгорочните од 1 јануари 2027 година. Целосната забрана ќе стане факт една година порано од првично предвиденото во мапата на патот на ЕК за ставање крај на зависноста на блокот од руските фосилни горива.

Новиот пакет санкции, исто така, вклучува забрана за влез во ЕУ за руски дипломати и означување на уште 117 бродови како дел од таканаречената флота во сенка на Москва, која се состои главно од танкери, со што вкупниот број бродови на црната листа се искачи на 558.