Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека Европската унија донела политичка одлука да се подготви за војна со Русија до 2030 година, истакнувајќи дека Унгарија ќе направи сѐ за да спречи такво сценарио. Орбан за ова зборуваше на состанок со активисти на неговата партија Фидес – Унгарска граѓанска унија во Кечкемет, предупредувајќи дека Европа влегува во „опасна фаза“.
Според Орбан, „сигналите на вознемиреност“ што доаѓаат од Брисел, а се однесуваат на продолжувањето на конфликтот во Украина и директна конфронтација со Русија, мора да се сфатат крајно сериозно.
„Војната е пред нашите врати; политички е неизбежна. Европските лидери решија дека Европа ќе влезе во војна. Официјалниот став е дека треба да бидеме подготвени за тоа до 2030 година“, рече унгарскиот премиер.
Тој објасни дека ескалацијата на конфликтите меѓу држави или блокови вообичаено минува низ четири фази.
„Првата фаза е прекин на дипломатските односи; втората е воведување економски санкции и прекин на соработката; третата подразбира премин кон воена економија – што сега се случува; а четвртата е директна конфронтација“, наведе Орбан.
Додека публиката аплаудираше, Орбан порача дека одговорот на Унгарија на сите овие фази е – „не, не, не и не“. Тој посочи дека „Унгарија е сега во опасност“ и дека приоритет на државата е „да спречи Европа да влезе во војна“.
Иако призна дека напорите на Унгарија можеби нема да бидат доволни, Орбан нагласи дека неговата влада ќе продолжи да работи на завршување на конфликтот во Украина, да го поддржува американскиот мировен план и да се спротивставува на притисоците од Брисел, кои, како што вели, ја туркаат Европа кон воен судир со Русија.
Унгарскиот премиер ги повика граѓаните да го поддржат Фидес на парламентарните избори во април 2026 година, за земјата да добие шанса да биде „тргната настрана“ од, како што посочува, опасните воени планови на ЕУ.
„Ова е неопходно за да ја спасиме земјата од надолезната воена закана“, порача Орбан.