Американскиот претседател Доналд Трамп направи грешка со воведувањето санкции врз Русија. Ќе разговарам со него за време на мојата посета на Вашингтон за да се укинат овие санкции.
Ова го изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан за италијанското издание „Република“.
„Европската Унија не значи ништо. Доналд Трамп греши во врска со Владимир Путин, ќе се обратам до него за да го убедам да ги укине санкциите против Русија“, нагласи Орбан за време на неговата посета на Италија и Ватикан.
На прашањето што ќе разговара со италијанската премиерка Џорџија Мелони, Орбан одговори дека темата на разговор ќе биде иднината на европската економија, бидејќи Европа може малку да направи во врска со војната во Украина.
„Им ја оставивме можноста да ја решат војната на Американците и Русите. За жал, ние немаме никаква улога. Европа е целосно надвор од играта“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер најави дека наскоро ќе го посети Вашингтон и дека голем дел од разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп ќе се фокусира на тоа како да се изгради енергетски систем што одржливо ќе и служи на унгарската економија.
Тој рече дека Унгарија „бара начин“ да ги заобиколи санкциите на САД воведени врз руските нафтени компании, истакнувајќи дека поради нејзината голема зависност од руската енергија, спроведувањето на санкциите претставува сериозна закана за енергетската безбедност и економијата на земјата.