Сите 27 членки на Европската унија вечерва на самитот во Брисел ги поддржаа заклучоците за неопходноста од зајакнување на одбраната на Европа, но унгарскиот премиер Виктор Орбан ја блокираше заедничката изјава за продолжување на воената помош за Украина, пренесува Политико.
Европските лидери поддржаа остри зборови за потребата европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана, ветувајќи дека „ќе ја забрзаат мобилизацијата на неопходните финансиски инструменти за зајакнување на безбедноста на Европската унија и заштитата на граѓаните“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претстави план со кој може да се обезбедат речиси 800 милијарди евра за одбрана. Најголем дел од средствата би се добиле со укинување на постојното правило дека буџетските дефицити на членките на ЕУ не можат да надминат три отсто од бруто домашниот производ.
Сега се предлага дефицитот да биде поголем, под услов сите средства над три проценти да се потрошат за одбрана.
Дополнително, се предлага Европската комисија да земе заем од 150 милиони евра и потоа да ги проследи парите до членките на ЕУ, исто така во форма на заем.
Откако Орбан стави вето на заклучоците за Украина, преостанатите 26 лидери на ЕУ потпишаа изјава во која ја истакнаа потребата Унијата да продолжи да ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно, „со оглед на новиот моментум на преговорите што треба да доведат до сеопфатен, праведен и траен мир“.
Во соопштението се наведува дека не може да има мировни преговори без учество на Киев, дека Европа мора да има место на преговарачката маса, дека прекинот на огнот мора да се преточи во долгорочен мировен договор, дека на Украина мора да и се дадат безбедносни гаранции и дека нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува.
Се додава дека „коалицијата на волните“ е решена да ја зајакне финансиската и воената поддршка за Украина и да ги заостри санкциите против Русија.
Словачкиот премиер Роберт Фицо се согласи да ја потпише изјавата за Украина дури кога успеа во неа да вклучи покана до Киев да го реши проблемот со испораката на руски гас.
„Европскиот совет ги повикува Европската комисија, Словачка и Украина да ги интензивираат напорите за изнаоѓање изводливи решенија за прашањето за транзитот на гас, имајќи ја предвид загриженоста што ја искажува Словачка“, беше вметната во финалниот текст, пренесува Политико.