Унгарскиот премиер Виктор Орбан, преку видеообраќање емитувано на почетокот од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, упати честитки до партијата за, како што нагласи, „импресивните успеси“ во изминатите две години.
Орбан истакна дека по долг период во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ успеала да се позиционира како една од најуспешните политички сили на европската сцена.
„Постигнавте убедливи победи на парламентарните, локалните и претседателските избори. Ја насочивте вашата татковина кон стабилен и предвидлив развој. По години опозиција, денес сте една од најуспешните политички партии во Европа. Нема подобра препорака од сопствениот успех“, рече Орбан.
Тој се заблагодари за соработката со лидерот Христијан Мицкоски и го охрабри членството да продолжи да му дава доверба.
„Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во претстојните владини задачи. Бог да ги благослови македонските патриоти“, додаде унгарскиот премиер.
На Конгресот со видеообраќања се вклучија и други претставници на сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ.
Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, изрази очекување дека соработката меѓу двете партии, како и меѓу Хрватска и Македонија, ќе продолжи да се продлабочува, нагласувајќи ја силната поддршка за европската интеграција на земјата.
Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и италијански министер за надворешни работи, порача дека ЕНП цврсто ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е високо ценет член на европското семејство на народни партии.
Се обрати и Гунтер Крихбаум од германската ЦДУ, државен министер за Европа и пратеник во Бундестагот, кој истакна дека иднината на Македонија е во Европската Унија.
„Вашиот успех е резултат на тоа што сте блиску до народот и добро ги разбирате потребите на граѓаните“, нагласи Крихбаум.
Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска се одржува во Кавадарци, официјално беше отворен со говор на претседателот Мицкоски и со едногласното усвојување на документот „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“, а се очекува и негов реизбор на лидерската позиција.