Градежник при градење на објект во Струга урнал дел од куќата-музеј на Владо Малески, автор на македонската химна

Поради изградба на објект во Струга, оштетен е ѕид и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. 

Се огласија и од Министерството за култура и туризам во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“  бр.  16 во Струга,  од каде информираат дека министерот Зоран Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки.

Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029.

При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.

НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.

Инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..

Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава.

ФОТО: СДК.МК