Осма година по ред: Велосипедисти возат 900 километри од Нова Градишка до Крушево во чест на Тоше Проески

И оваа година, осма по ред, група велосипедисти ентузијасти тргнаа на меморијалната вело-тура долга 900 километри, возејќи од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, во чест на големата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Организатор на турата, како и секоја година, е Драган Јованов од Кавадарци, кој заедно со уште четворица велосипедисти и еден член за техничка поддршка, го вози патот што го поврзува местото на трагедијата со вечниот дом на Тоше.

„Сакам да потенцирам дека сите учесници се големи почитувачи на ликот и делото на Тоше. Се надеваме дека на овој начин барем малку даваме придонес за да не се заборави тоа што Тоше го остави за време на неговиот краток живот“, изјави Јованов за 4NEWS.mk

Логистиката на турата е таква што учесниците најпрво со комбе патуваат до Нова Градишка, по што со велосипеди се враќаат назад кон Крушево. Целата рута од 900 километри е поделена на шест етапи, при што велосипедистите дневно возат меѓу 150 и 180 километри.

Оваа година, во турата учествуваат Драган Јованов (Кавадарци), Горан Богоевски (Скопје), Владимир Конзуров (Скопје), Здравко Ушковски (Битола) и Аце Темелковски (Велес). Техничка поддршка на патот им е Дарко Темелковски од Велес.

На дел од патеката, на македонските велосипедисти им се приклучуваат и пријатели од регионот. Од Нова Градишка друштво им прават членови на вело-клубот „Псуњ“, како и велосипедисти од Славонски Брод, додека на територијата на Србија им се придружуваат ентузијасти од Белград, Ниш и Лесковац.