Министерот за надворешни работи Бујар Османи од Преспа форумот во Охрид го коментираше францускиот предлог кој од попладнево и е јавно достапен, откако тоа го стори пратеникот од опозицијата Антонио Милошоски.
„Мислам дека опозицијата се обидува да создаде атмсофера пред нивниот протест за да добијат некој човек повеќе. Мислам дека досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори, тоа што јас можам да го кажам е дека започнат е процес на консултации меѓи земјите членки пред да се усогласи ставот на сите земји членки по однос на процесот понатаму за да може да стигне до кај нас, за да ние ги анализираме тие предлози и дадеме наши забелешки доколку има такви. Процесот е тој. Прво француското претседателство дава предлози кои што ги дистрибуира до сите земји членки. Секоја земја членка може да даде забелешки вклучувајќи и Република Бугарија. Атмосферата во Република Бугарија сите сме сведоци каква е. Затоа јас не би влегол во коментари на различните предлози бидејќи сметам дека прво е важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а потоа ќе ги кажеме нашите ставови. Овие обиди на опозицијата да го стави овој важен процес за државата и многу сензитивен период во функција на партиските активности утре или задутре е несериозно. Тоа што може опозицијата да го направи во интерес на државата и граѓаните е да ни се обрати, да комуницира, да понуди помош и ние ќе ги споделиме сите информации што ги имаме со нив. Затоа што сметаме дека ова прашање ги надминува рамките на едни политички партии, рамките на Владата, туку ги засега сите граѓани и државата. Тоа е мојата порака до нив, да не се обидат ова прашање да го стават во функција на партиските митинзи, туку да ни се обратат, мојот телефон го имаат, ќе ги споделам со нив сите информации што ги имам“, рече Османи
Тој додаде дека во моментов позицијата на Македонија е дека треба да чека и да ги види забелешките на другите земји.
„Се разбира наша задача е да ги имаме сите информации уште пред да излезат, во спротивно не би ја завршиле работата како што треба доколку немаме канали за да имаме информации пред да излезат. Но тоа се предлози кои се пуштени до земјите членки. Сметам дека наша позиција треба да биде, да чекаме што ќе кажат земјите, ние после ќе ги кажеме нашите забелешки дали нешто е прифатливо или не. А сум кажал неколку пати доколку се решиме за некој одговор или одлука се разбира дека ќе биде консултирани пратениците и опозицијата“, додаде Османи.