Пред да ги убедиме пратениците од опозицијата да гласаат за уставните промени, прво треба да ги убедиме граѓаните. Ова го потенцираше шефот на дипломатијата Бујар Османи, во вечерашното гостување во централните вести на ТВ Сител говорејќи за уставните промени за вметнување на Бугарите во нашиот Устав.
– Јас во тие разговори и во рамки на Владата имам поинаков пристап како треба да пристапиме на овој процес. Сметам дека ние имаме еден друг проблем пред да стигнеме до убедување на пратениците, а тоа е убедување на граѓаните. Очигледно во оваа фаза пропагандата и лажните вести не победија во аргументирањето што се случи со почетокот на преговорите, рече Османи.
Тој е дециден дека референдум за Договорот со Бугарија не може да има, ниту треба да има затоа што е договорот е еден од важните столбови на евроатлантска Северна Македонија, покрај Преспанскиот и Охридскиот. Раскинувањето на Договорот со Бугарија, според него, е ризикување на евроатлантска Северна Македонија.