Силни пораки за смирување на тензиите и зачувување на меѓуверската хармонија беа упатени по обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“, настан кој ја вознемири јавноста и отвори прашања за безбедноста и толеранцијата во општеството.
Од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи заедно со верските лидери најостро го осудија инцидентот, оценувајќи го како сериозен удар врз мирот, стабилноста и традицијата на соживот во државата.
На прес-конференција, директорката на Комисијата Оливера Трајковска истакна дека секое посегнување по верски објект, без разлика на верската припадност, претставува нарушување на основните вредности.
„Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената светиња. Ова се вредности врз кои се гради секое демократско и цивилизирано општество“, беше посочено во заедничката реакција.
Таа информираше дека инцидентот се случил во раните утрински часови на 12 април, при што беше изразена целосна солидарност со Еврејската заедница.
Во духот на меѓусебната почит и религиска соработка, беше упатен апел до граѓаните да покажат одговорност и зрелост.
„Да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е една од најголемите вредности што ги имаме и треба да ја зачуваме како аманет за идните генерации“, додаде Трајковска.
На прес-конференцијата присуствуваа и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, скопскиот бискуп Киро Стојанов, поглаварот на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и претставникот на Евангелско-методистичката црква Марјан Димов.
Тие заеднички порачаа дека ваквите инциденти не смеат да го нарушат долгогодишниот соживот и меѓусебна почит меѓу верските заедници во земјата, нагласувајќи дека токму единството и солидарноста се клучни во вакви моменти.
