Откако му го одзеде државјанството на градоначалникот: Зеленски ја става Одеса под воена власт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го стави пристанишниот град на Црното Море, Одеса, под воена власт, поради судирот со градоначалникот, објави во среда германската новинска агенција ДПА.

Во вторник, Зеленски му го одзеде државјанството на Генадиј Труханов, кој беше градоначалник на Одеса повеќе од една деценија, велејќи дека поседува руски пасош.

Труханов го негира обвинението и планира да се жали на одлуката и да остане градоначалник.

Сепак, губењето на државјанството автоматски го отстранува градскиот лидер од функцијата бидејќи на украинските функционери не им е дозволено да имаат двојно државјанство, а тој се соочува со депортација.

„Премногу безбедносни прашања во Одеса се нерешени предолго“, рече Зеленски во вторник, без да даде детали.

Труханов, кој постојано ја обвинува Русија за бројни напади врз Одеса, е градоначалник на стратешки важниот пристанишен град со повеќе од еден милион жители од 2014 година.

Зеленски минатата недела ги обвини „локалните лидери“ на Одеса дека не прават доволно за да ги заштитат граѓаните од поплавите од минатиот месец, во кои загинаа 10 лица.

Украинската разузнавачка служба СБУ соопшти дека има докази дека Труханов поседува важечки руски пасош и објави фотокопија од него на Телеграм.

Со воспоставување воена администрација во Одеса, Зеленски ќе има подиректна контрола врз градот.