Откажани сите изборни активности на Ахмети за утре, ќе оди да им даде поддршка на соборците од УЧК во Тирана

Централниот штаб на ДУИ донел одлука да ги откаже сите изборни активности на лидерот Али Ахмети за утре, петок и последен ден од изборната кампања.

Одлуката за откажување на активностите е бидејќи Ахмети го потврдил своето учество на севкупниот национален протест во Тирана – во поддршка на неговите соборци и основачи на славната Ослободителна војска на Косово (УЧК).

Ова на пред конференција го изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми кој вели дека овој чин е акт на национална солидарност, но и потсетник за оние што забораваат дека слободата и правата не се подаруваат – тие се освојуваат со жртвување.

„Во текот на оваа кампања, Националната алијанса за интеграција настапи достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните. Не се занимававме со клевети, црни кампањи или манипулации. Зборувавме со јазикот на фактите, визијата и одговорноста. Нашата кампања ја изградивме врз довербата – не врз стравот. За жал, нашите противници ја избраа спротивната насока – патот на клеветите, фабрикувањата и темните сценарија. Наместо идеи – понудија лаги; наместо проекти – измислија скандали; наместо натпревар за развој – поттикнаа поделби. Од самиот почеток, самиот премиер изјави дека „суштината на овие избори е исчезнувањето на ДУИ од политичката сцена“, а потоа зборуваше и за „политичко пензионирање на Али Ахмети“. Тоа не е само политички речник – тоа е носталгија за време кога Албанците требаше да бидат под команда, а не рамноправни учесници во одлучувањето. Но тоа време заврши. Албанците никогаш повеќе нема да бидат васали на туѓа волја“, додаде Адеми.

Како што вели, во оваа кампања, се раѓа нов завет – завет на надежта, достоинството и враќањето на довербата во силата на народот.

„Граѓани од сите слоеви, па дури и поранешни поддржувачи на ВРЕДИ, ни се приклучуваат и отворено велат: Се надевавме на промени, но завршивме во разочарување и понижување.“ 19 октомври не е само датум на избори – тоа е референдум! Референдум за враќање на достоинството, за еднаквост, напредок и правда. На 19 октомври Албанците ќе зборуваат јасно – самите ќе ги изберат своите политички претставници, а не оние назначени од Мицкоски и неговата оска. Ова е наш момент на обединување, наш момент да го завериме со глас достоинството, еднаквоста и европскиот правец на државата. Кампањата завршува, но нашиот пат дури сега започнува. Патот на Националната Алијанса за интеграција е пат на правдата, достоинството и единството – пат што никој не може да го сопре, бидејќи тоа е патот на народот“, порача Адеми.