Откриен нов руски документ. Дали е ова причината зошто самитот Трамп-Путин не успеа?

Рустија им испрати на Соединетите Американски Држави документ преку приватни канали во текот на викендот во кој ги повторува своите претходни услови за постигнување мировен договор со Украина. Документот е таканаречен „нон-пејпер“, потврдија двајца американски претставници и друг извор запознаен со ситуацијата, објави Ројтерс .

Во документот се повторува барањето на Русија да ја преземе контролата врз целиот регион Донбас во Украина, изјави еден од американските функционери. Таквиот став целосно го отфрла предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на фронтовските линии на нивните сегашни позиции.

Покрај тоа, Русија го повтори својот претходен став дека силите на НАТО не треба да бидат распоредени во Украина како дел од каков било мировен договор.

Веста доаѓа во време кога предложениот самит меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта изгледа сè попод знак прашалник. Претставник на Белата куќа за Ројтерс во понеделник изјави дека нема планови за средбата „во блиска иднина“.

Тоа е во спротивност со најавата на Трамп по телефонскиот разговор со Путин во четвртокот, кога тој рече дека средбата во Будимпешта ќе се одржи, веројатно веќе во следните две недели. Белата куќа и руската амбасада во Вашингтон не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Да ве потсетиме дека на приватна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот, американските претставници му го презентираа планот предложен од Кремљ на украинскиот лидер. Планот вклучуваше отстапување на регионот Донбас на Русија во замена за мали делови од Запорожјето и Херсонското подрачје.

Зеленски го отфрли тој предлог, по што Трамп јавно ја презентираше идејата за замрзнување на сегашните фронтовски линии.