Скопските комунални екипи во текот на изминатата недела продолжија со расчистување на јавните и сообраќајните површини, при што од дивите депонии и други локации каде што отпадот бил непрописно одложен се отстранети вкупно 675 кубни метри кабаст и градежен отпад.

Според податоците на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“, во истиот период биле подигнати и транспортирани околу 3.200 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот.
Најголемо количество непрописно одложен отпад било отстрането во општина Чаир, каде што комуналните екипи расчистиле 130 кубни метри отпад од диви депонии.
Во рамки на контролите, еко-патролата на претпријатието изготвила 28 записници за лица и правни субјекти кои биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота. Од нив, 17 записници биле врачени на територијата на општина Чаир.

Од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ потсетуваат дека граѓаните можат бесплатно да го одложат својот кабаст отпад, вклучително стар мебел, електрични и електронски апарати, во Центарот за селекција на отпадот во Карпош. Центарот е отворен секој ден од 07 до 19 часот.
За оние кои имаат потреба од преземање и транспорт на кабастиот отпад од домовите, услугата може да се нарача од понеделник до петок, од 07 до 15 часот, на телефонските броеви 0800 222 33 и 3216644. Оваа услуга се наплатува согласно однапред утврден ценовник на претпријатието.