Во насока на создавање на поголеми можности за развој и иновации за младите, Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МАСВА) нуди членство и менторска поддршка за студентите од техничките факултети. Преку оваа програма на МАСВА сите заинтересирани студенти од Технолошко металуршкиот факултет, Градежниот факултет, Машинскиот факултет и Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје ќе добијат можност за едукација и поголем пристап до иновации и најновите трендови во сегментот на кружната економија и управување со отпадот. Покрај тоа МАСВА ќе обезбеди и пристап до стручна литература и учество на меѓународни и националните конференции.
Сите заинтересирани студенти од наведените факултети, можат да испратат кратка биографија(CV) и мотивациско писмо на [email protected] најдоцна до 28 февруари 2025 година. Избраните кандидати ќе бидат поканети на интервју со Управниот одбор на MaSWA и ќе бидат вклучени во активностите на МАСВА.
Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МАСВА) е организација во која членуваат повеќе од 40 компании, невладини организации и експерти кои делуваат во секторот на управување со цврст отпад, а основана е во 2013 година. Од 2014 година МАСВА е членка на International solid wast asotiation ISWA и учествува на активности организирани на меѓународно ниво. Преку своите активности МАСВА се залага за зајакнување и развој на секторот на управувањето со отпадот, употреба на алтернативни горива, поголема имплементација на принципите за кружната економија, искористување на економските потенцијали за овој сектор и намалување на емисиите на СО2.
Кружната економија и управувањето со отпадот се едни од најбрзо растечките сектори во светот. Се повеќе истражувања се насочени кон креирање на нови зелени продукти кои се базираат на принципите на кружната економија. Потенцијалот за развој на домашниот пазар, како и меѓународна соработка е голем, а соработката со МАСВА за студентите ќе значи поголема можност за професионален развој и поголема конкурентност.
Повеќе детали МАСВА може да погледнете на: http://maswa.org.mk