Во тек е проширена истрага за случајот „Пулс“, во која, покрај првично обвинетите, се опфатени и инспектори од УЈП, но и лица од други институции. Државниот обвинител Љупчо Коцевски потврди дека се проверуваат повеќе инкриминирачки дејствија, но избегна да открие детали, нагласувајќи дека обвинителството ќе ги испита сите сомнежи до крај.
„Со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Овие податоци изнесени од ИРЛ не се ништо ново, сите пораки беа испратени и до одбраната, до судот и до МВР. Но тоа е само мал дел од она што Обвинителството го располага во моментов. Има уште најмалку десетина инкриминирани дејствија, што значи дека постапката не е затворена, ниту во однос на УЈП, ниту во однос на други институции. Политиката е едно, но работата на обвинителството е сосема друго. Јас ќе продолжам да работам чесно и законито“, изјави Коцевски.
Меѓу имињата што се споменуваат во комуникациите со синот на газдата на „Пулс“ е и инспекторот на УЈП, Драган Паунов, кој е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.
Обвинението за пожарот во „Пулс“ треба да биде оценето од Кривичниот суд до крајот на неделата. Во меѓувреме, предметот против осомничените полициски службеници од Кочани и Штип, кој го води Обвинителството за организиран криминал и корупција, сè уште е во истрага.