„Ова е борба за гол живот“: ССМ излегува на улица во среда – се бара минималец од 600 евра и итно покачување за сите

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, упати драматичен повик до работниците за масовен излез на протестот закажан за оваа среда. Тој порача дека ова е „егзистенцијална борба“ и предупреди дека собирот ќе биде само почеток на синдикалните активности доколку властите не ги исполнат барањата за повисоки плати.

Во отворено писмо до јавноста, Трендафилов беше дециден: „Никој друг нема да се избори за работниците наместо нив самите“.

Барања: 6.000 денари плус за сите и 600 евра минималец

Синдикатот излегува со конкретни бројки и барања до Владата и работодавачите:

  • Линеарно зголемување: Итно покачување на платите за најмалку 6.000 денари.
  • Минимална плата: Зголемување на законскиот минимум на 600 евра.

„Функционерите си планираат покачувања, а народот се иселува“

Трендафилов упати остри критики кон власта и газдите, обвинувајќи ги за лицемерие.

„Над 200.000 работници во Македонија земаат плата под прагот на сиромаштија“, предупреди тој, додавајќи дека додека Владата одбива да ги зголеми платите на работниците, се кројат планови за зголемување на платите на функционерите.

Според него, токму ваквата политика е главната причина за масовното иселување од државата.

Време и маршрута на протестот

Протестот е закажан за среда, со почеток во 17:00 часот.

  • Старт: Пред Работничкиот дом.
  • Рута: Ќе се продолжи пред Собранието и Стопанската комора.
  • Крај: Пред Владата на РСМ.