Пакистан: Во војна сме со Авганистан – Талибанците: Убивме 55 пакистански војници

Пакистан ноќеска го бомбардираше авганистанскиот главен град Кабул и уште две провинции, неколку часа по прекуграничниот напад извршен од страна на Авганистанците. Ова е најнова ескалација на насилството меѓу соседите кои минатата година потпишаа примирје со посредство на Катар.

Авганистанските сили синоќа ги нападнаа пакистанските гранични единици, што владата на Талибанците го опиша како одмазда за претходните смртоносни воздушни напади. Неколку часа подоцна, во Кабул се слушнаа најмалку три експлозии.

Авганистанското Министерство за одбрана соопшти дека во синоќешниот напад биле убиени 55 пакистански војници, вклучително и некои чии тела биле пренесени во Авганистан, додека „неколку други биле заробени живи“. Наведоа дека на нивна страна загинале осум лица, а уште 11 биле ранети.

Меѓутоа, пакистанскиот министер за информирање Атаула Тарар изјави дека загинале двајца пакистански војници, а тројца биле ранети. Тој додаде дека биле убиени 36 авганистански борци.