Палчо го праша Кешишев дали во штабот имало мачета од пола метар и пиштол плашливец

На денешното продолжение од судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведокот — воедно и еден од обвинетите Влатко Кешишев — изнесе тврдења за влијание и принуда при давање изјава во затворот.

Во текот на распитот, беше поставено прашање дали при претрес во штабот биле пронајдени мачета и пиштол плашливец. Судијата оцени дека прашањето е ирелевантно за постапката и не дозволи одговор.

Сведокот изјави дека при претресот, полицијата само погледнала во кујната каде се наоѓало кучето Хера, и дека немал увид дали е изнесено оружје. Потврди дека му биле одземени телефонот и клучевите од штабот и возилото.

Во однос на пиштол калибар 9 мм, рече дека освен еден настан на локацијата Дупки, не видел такво оружје.

Најконтроверзниот дел од сведочењето се однесува на претходна изјава што ја испратил до судот. Тој сведочеше дека бил принуден од обвинетиот Љупчо Палевски – Палчо, кој му ја дал изјавата со насоки да ја препише со негов ракопис и потпис. Тоа, според него, се случило додека биле сместени заедно во затворското комбе за транспорт од истражниот затвор до судот.

„Јас уште тогаш кажав дека се плашам дека нема да испадне ништо од ова. Тој ми рече: ‘Само прати го и не се секирај’“, изјави сведокот.

Призна дека поднел и писмено барање до директорот на затворот за да биде одвоен од Велибор Манев, уште еден од обвинетите, поради притисок што, како што тврдеше, го чувствувал. Истото го сторил и по предавањето на изјавата до судот, по што, по негово барање и одлука на судот, биле физички одвоени.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното