Досега, 71 општина со околу 330 предлог проекти аплицирале на јавниот повик за финансирање на инфраструктурни проекти, кој е наменет за сите единици на локална самоуправа и има вкупен буџет од шест милијарди денари, обезбедени согласно ребалансот на Буџетот.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, информираше дека се чекаат апликациите испратени по пошта за да се заврши процесот на јавниот повик.
„Изразувам огромно задоволство од големиот интерес. Практично, не верувам дека ќе остане која било општина што не аплицирала за овие средства. Ова ја потврдува политиката на Владата дека локалните самоуправи навистина имаат потреба од помош и интервенции од централниот буџет за решавање на инфраструктурните проблеми. Нашата цел е да создадеме модерни услови за живеење низ целата територија на Република Македонија,“ изјави министерот Перински за медиумите пред настанот за нула цврст отпад во Општина Аеродром.

