
Продолжуваат несогласувањата во владината коалиција, овојпат за предизборното ветување на „Вреди“ за формирање на Албанска академија за науки и уметности. Откако градоначалниците на „Вреди“ во Тетово, Желино, Чаир и Гостивар најавија парични средства за оваа цел, министерот за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински истакна дека не постои таква законска можност. Според него, општините имаат можност да финансираат здруженија и невладини организации, но нивните цели треба да се во согласност со основните надлежности на општината.
„Сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во суштина во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои.“, рече Перински.
Претходно, првиот вицепремиер Изет Меџити во изјава за ТВ21, истакна дека во минатото имало случаи кога за слични иницијативи се одвојувале општински пари. Тој нагласи дека треба да се следи европската практика, бидејќи Европската академија за наука и уметност се финансирала со средства од буџетите на европските градови. Меџити додаде дека со иницијативата за Албанска академија ќе се изврши притисок за реформи во МАНУ, која би се ослободила од канџите и, како што вели, сега е целосно македонска.
„Албанските општини самоиницијативно донесоа одлука да поддржат формирање на Академијата. Во минатото имавме и други иницијативи како што беше Тетовскиот универзитет, при што беше поддржан со буџет од три албански општини и со логистичка помош, а така ќе се помога и сега. Но, треба да се има предвид дека ова сега е во врска со унапредување на образованието, науката…“, рече Меџити.
Идејата на градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир претходно ја отфрлија и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, чии советници не би гласале за предлог-буџетот на општината. Поддршка нема ниту од ДУИ. Функционери од партијата нагласија дека ДУИ не е согласна со ваквиот принцип на функционирање, бидејќи идејата за Албанската академија била пропагирана како тело на национално ниво, а сега била сведена на невладина организација.