Владата и Министерството за локална самоуправа будно ги следат состојбите во општините и преку конкретни финансиски и експертски алатки работат на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, без оглед на политичката припадност на локалните моќници. Ова го истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, за време на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“, каде детално се осврна на реализацијата на капиталните проекти, превирањата со финансирањето на ЗЕЛС, како и реформите во Законот за локална самоуправа.
ЗЕЛС бара повеќе пари од ДДВ, Перински порачува: Прво искористете ги сопствените капацитети
Министерот Перински директно одговори на актуелните барања на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), предводена од Орце Ѓорѓиевски, од каде побараа зголемување на процентите од централниот буџет, односно најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок, по примерот на европските општини. Во моментов, општините добиваат по 6% од двата даноци.
„Ова би било очекувано барање доколку централниот буџет има неограничени можности. Но, мора да бидеме реални и објективни. Пред да кажеме дали овие 6% се доволни, треба во целост да го искористиме капацитетот на сопствените извори на финансирање, како што се данокот на имот и комуналните такси“, изјави Перински.
Тој откри поразителни податоци од најновото истражување на Министерството, кое покажува дека локалните самоуправи во Македонија на годишно ниво губат меѓу 80 и 100 милиони евра поради несоодветна наплата и неажурирани бази на даночни обврзници. Околу милијарда и 100 милиони денари се губат само затоа што куќи, станови и комерцијални објекти воопшто не се евидентирани.
За надминување на овој проблем, Владата формира координативно тело (Министерство за финансии, УЈП, Катастар, ЗЕЛС и Министерство за дигитализација) кое ќе креира софтверско, автоматизирано решение. Промените на сопственоста ќе се евидентираат автоматски, со што ќе се исклучи субјективниот пристап на вработените и селективното издавање даночни решенија.
Милијардата на терен: Над 1.100 проекти во тек, Виница со раскинат договор
Одговарајќи на критиките во јавноста за унгарскиот заем и ефектот од средствата, Перински направи детален пресек на двата јавни повика наменети за општински проекти, нагласувајќи дека станува збор за исклучително комплексен оперативен процес кој опфаќа 1.116 градилишта и исто толку јавни набавки.
- Прв јавен повик (Ребаланс 2024): Распишан на 6 милијарди денари, склучени се 288 договори во вредност од 4,5 милијарди денари. Досега се комплетно завршени 229 проекти. Единствено општина Виница се соочила со прекин, каде што договорот е раскинат поради неможност да се избере изведувач преку јавните набавки, по што ќе следи нов повик.
- Втор јавен повик (Унгарски заем): Распишан до 15 милијарди денари, склучени се 828 проекти во вредност од 13,8 милијарди денари. Од нив, веќе 219 се целосно завршени.
Министерот ги упати граѓаните транспарентно да го следат напредокот на сите проекти на наменската веб-страница Proekti.gov.mk.
Во однос на обвинувањата од опозицијата за наводна селективност и политичко етикетирање (како во случајот со одбиениот проект на Струмица), Перински појасни дека Струмица аплицирала за пазар каде претходно веќе бил ставен камен-темелник со обезбедена финансиска конструкција, што е спротивно на критериумите. Во вториот повик, Струмица, како и општините Центар и Крива Паланка (воделе од СДСМ), уредно добиле средства.
Зошто Град Скопје не доби пари?
Перински даде јасен одговор и на прашањето зошто Градот Скопје беше изземен од директните повици, нагласувајќи го принципот per capita (по глава на жител).
„Во Скопје се интегрирани 10 општини. Доколку дадевме средства и на општините и на Градот Скопје, скопјани ќе беа привилегирани и ќе добиеја дупло повеќе средства од останатите граѓани во државата. Дополнително, во Градот Скопје со години се таложеа системски проблеми во комуналната хигиена и јавниот превоз кои не се решаваат со интервентни мерки, туку долгорочно“, подвлече тој, додавајќи дека Владата сепак помага со набавка на нови камиони за комунална хигиена и автобуси.
Измени во Законот за локална самоуправа: Комунална полиција и отповик на градоначалници
Перински изрази жалење што системските измени на Законот за локална самоуправа, кои се подготвуваа 7-8 месеци со инклузивен процес и регионални средби, се уште се заглавени во Собранието поради недостиг на политичка доблест кај опозицијата за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство и Бадентерово мнозинство.
Со измените се предвидува:
- Референдумски отповик на градоначалници (усогласено со Европската повелба за локална самоуправа).
- Задолжително воведување Комунална редарска служба на ниво на општина, со зголемени ингеренции на инспекторите и повисоки казни за уништување на јавното добро, со цел заштита на буџетските средства вложени во урбана опрема и зеленило.
Експертска помош за помалите општини и искористување на ИПА фондовите
Како позитивен пример за искористување на странска помош, министерот ја посочи реализацијата на ИПА програмите за прекугранична соработка со петте соседи (Косово, Албанија, Србија, Бугарија и Грција), каде процентот на реализација надминува високи 85%.
За општините кои немаат доволно административен кадар, Министерството го стави во функција т.н. Ресурсен центар кој нуди бесплатна експертска помош за креирање буџети и програми. Веќе на 15-ти овој месец е закажана групна обука за над 40 општини. Палелелно, се работи на дигитализација на општинските услуги и измени во Законот за меѓуопштинска соработка со цел помалите рурални општини да се здружат со поголемите за поекономично испорачување на услугите.
На крајот од разговорот, министерот Перински потенцираше дека неговиот фокус не се дневните политички калкулации, туку воведувањето долгорочни процеси кои ќе траат многу подолго од неговиот мандат, а крајниот суд за неговиот перформанс ќе го дадат единствено граѓаните.