По 233 дена поминати на пат, борба со поројни дождови, пеколни горештини и напади од кучиња скитници, 34-годишниот Овен Чарнли конечно пристигна дома во Рочдејл, Велика Британија. Неговата самостојна одисеја започна во Баку, Азербејџан, а заврши откако помина неверојатни 6.800 километри низ 17 земји, вклучувајќи ја и Македонија, која му оставила посебен впечаток.
Чарнли, кој тргна на почетокот на април, го реализираше овој мамутски потфат со благородна цел – да собере средства за две добротворни организации за бездомници. Иако физичкиот предизвик бил огромен, она што најмногу го допрело било неочекуваната добрина на странците.
Гостопримството на Балканот: „Најсиромашните места беа најдарежливи“
За време на патувањето, Овен спиел на различни места – од хостели и хотели, до кампување на отворено и спиење под мостови. Но, човечкиот фактор бил тој што го дефинирал неговото искуство.
Во својата изјава по враќањето, тој посебно ја истакна великодушноста на луѓето во нашиот регион.
„Некои од најсиромашните места на кои сум бил во мојот живот, се покажаа како најдарежливи, особено Бугарија и Северна Македонија,“ истакна Чарнли.
Тој додава дека великодушноста на луѓето во земјите како Азербејџан, Грузија и Турција била неверојатна.

„Да сакав, можев едноставно да тропнам на нечија врата и да прашам: ’Здраво, можам ли да останам кај вас?‘. И девет од десет пати, луѓето ќе речеа: ’Секако, повели, влези‘,“ раскажува тој за топлината со која бил пречекан.
Пекол од 42 степени и напади од кучиња
Патувањето не било само запознавање со културите, туку и вистинска битка за преживување. Чарнли пешачел просечно меѓу 35 и 45 километри дневно.
Најголемите предизвици дошле од временските услови и животните:
- Екстремна топлина: Во Бугарија температурите достигнале 42 степени Целзиусови. „Тоа е премногу топло дури и само да седите, а не пак да пешачите 40 километри носејќи пет литри вода на грбот. Неколку пати добив топлотен удар,“ вели тој.
- Кучиња скитници: Тие биле „постојана грижа“, а Чарнли открива дека бил нападнат од глутници трипати во текот на патувањето.
- Физичка болка: Првите 500 километри биле најтешки за неговите стапала, кои биле покриени со плускавци додека не се навикнале на асфалтот.
Инспирацијата: Средба со стар пријател на улица
Мотивот за овој подвиг има длабока емотивна позадина. Одлуката да собира пари за бездомници дошла по случајна средба со пријател од минатото.

Додека студирал, Чарнли се спријателил со бездомник кој сакал книги. Години подоцна, додека работел како готвач, повторно го видел истиот човек на улиците во Манчестер.
„Тој момент ме натера да размислам. Во изминатите 13 години јас правев секакви работи, одев на скијачки сезони и слично, а тој цело време живеел на улица,“ вели Чарнли.
Тоа го поттикнало да побара совет од бездомниците во Манчестер за тоа кои организации најмногу помагаат, по што ги избрал „Barnabus“ и „The Booth Centre“.
Ова патување е само првата фаза од неговата крајна цел – да го обиколи светот пеш.