Косовската полиција (ПК) соопшти дека при инцидентите во Звечан на северот на Косово се уапсени пет лица.
„Демонстрантите не ги исполнија официјалните наредби да си заминат, туку се спротивставија и почнаа да фрлаат разни алатки, молотови коктели, гранати, експлозивни направи и се слушнаа истрели“, се вели во соопштението на косовската полиција, а пренесува Радио Слободна Европа.
Според полицијата, повредени се неколку службеници на Кфор, а петмина осомничени се уапсени.
Косовската полиција соопшти дека демонстрантите провоцирале, биле насилни и напишале натписи со српски и руски симболи на полициските возила на КФОР, оштетиле делови од возилата и ги дупнале гумите.
Од утрото на 29 мај, групи Срби се собраа на протести во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ поради насилното влегување на новите градоначалници на општините на север во општинските згради.
Војниците на КФОР интервенираа против демонстрантите собрани пред зградата на општина Звечан.