Пет тони марихуана запленети во Србија – најголема заплена досега, вели Дачиќ

Српската полиција, во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал, на 29 јануари заплени пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац во централна Србија.

Според министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, ова е најголемата заплена на дрога во Србија досега, со проценета вредност од седум до десет милиони евра.

Дачиќ рече дека во оваа операција се уапсени Н. С. (1986) и Р. С. (1958), додека едно лице се бара поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги и нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозиви.

Покрај наркотиците, пронајдено е и огнено оружје, најмалку четири автоматски пушки и една „зоља“, како и пари во износ од над 1.500.000 динари (околу 12.700 евра).

Јавното обвинителство за организиран криминал објави дека осомничените биле членови на организирана криминална група.

Во соопштението од обвинителството се додава дека организираната криминална група ја складирала наркотичната дрога марихуана во просториите на компанијата „Флораком д.о.о.“, од каде што понатаму ја дистрибуирала низ целиот град Белград за продажба.

Обвинителството изјави дека претресите се уште се во тек и дека осомничените ќе бидат однесени во обвинителството по полициското притворање, по што ќе бидат испрашани.