Македонија

Петров: Членството во НАТО беше историски исчекор за државата, но СДСМ направи грешки кај Договорот со Бугарија

Петров: Членството во НАТО беше историски исчекор за државата, но СДСМ направи грешки кај Договорот со Бугарија

СДСМ во минатото направи значајни историски чекори за државата, но истовремено допушти и грешки кои го предизвикаа разочарувањето кај граѓаните. Ова го истакна проф. д-р Андреј Петров во гостувањето на 4ТВ, правејќи ретроспектива на претходното владеење на партијата.

Според Петров, еден од најголемите успеси останува влезот на земјата во НАТО алијансата за време на владата на Зоран Заев.

„Никој не може да ме убеди дека тој потег беше погрешен. За мене тоа беше апсолутно исправна одлука со која Македонија го постави последниот анкер за своето опстојување и безбедност“, нагласи Петров.

Сепак, тој отворено посочи и на клучните пропусти што ги направила партијата додека била на власт:

„Не беа спроведени изборни реформи за обезбедување пофер услови за сите, а изостанаа и посуштински промени во клучните сектори како образованието и здравството“.

Петров оцени дека пренаивно се влегло во преговорите со Бугарија во рамки на евроинтеграциите, потсетувајќи дека уште тогаш имал издвоено мислење по тоа прашање.

Тој посочи дека огромното мнозинство граѓани на изборите јасно покажаа дека тој курс бил погрешен.

„Секој одговорен политичар мора да го прифати чувството на граѓаните како факт. Кога јавноста ќе оцени дека нешто е погрешно, политиката мора да се коригира и да се понуди поинаков пристап во работата“, заклучи Петров.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни