Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, најави дека во текот на оваа недела иницијаторите на платформата ќе го достават својот план до СДСМ и до претседателот на партијата.
Петров рече дека планот содржи повеќе точки и конкретна динамика за тоа како, според иницијаторите, треба да продолжи процесот во партијата.
„Ние ќе го доставиме планот наш до СДСМ, односно до претседателот на партијата со повеќе точки како ќе се продолжи натаму“, рече Петров.
Тој нагласи дека планот е подготвен со, како што рече, искрена желба да се помогне и дека одлуката како ќе биде разгледан и прифатен е во рацете на партиското раководство.
„Може ќе му треба време да го разгледа, може ќе ни одговори веднаш, мене ова не ме интересира, не можам да знам“, рече Петров.
Според него, иницијаторите се убедени во аргументите што ги изнесуваат и очекуваат јавноста и членовите на партијата да оценат кој е во право.
„Направено е со искрена желба и желба да се помогне. Имаме план, имаме динамика, нека оценат луѓето кој греши, а кој е во право“, порача Петров.
Тој повторно го оцени актуелниот рејтинг на СДСМ како сериозно низок и предупреди дека, според него, состојбата може дополнително да се влошува доколку не се преземат навремени чекори.
„Ние сме убедени дека нашите аргументи држат, дека СДСМ е на слабо ниво и послабо не може да оди“, рече Петров.
Петров смета дека нема простор за одложување на промените и дека партијата треба навреме да се подготви за следниот парламентарен изборен циклус.
„Сулудо е да се чека“, порача тој, додавајќи дека според него резултатот на следните парламентарни избори може да биде последица од актуелната состојба во партијата.
Тој повтори дека целта на иницијативата е да се понуди план и да се отвори процес на промени, а конечната оценка за оправданоста на нивните барања, како што рече, ќе ја дадат членовите и јавноста.