СДСМ низ историјата секогаш функционирал како демократска партија во која се почитувало различното мислење, а обвинувањата дека сегашните иницијативи за промени претставуваат некаков „пуч“ се апсурдни. Ова го истакна проф. д-р Андреј Петров во гостувањето на 4ТВ, одговарајќи на нападите од актуелното раководство.
Петров нагласи дека внатрепартиската демократија е темел врз кој генерации со години го граделе СДСМ, поради што е недозволиво партијата да се сведе на слепо следење на волјата на поединец.
„Нашата ориентација останува евроатлантска. За намерата да го прошириме опсегот на соработка и да отвориме дијалог, ги имаме информирано и нашите меѓународни партнери, кои се целосно запознаени со нашите чекори.“, вели петров.
Според него, тие не се чувствуваат виновни, бидејќи пуч може да направи само оној кој со недемократски средства го руши системот.
„СДСМ никогаш не бил ова што е денес – на локално ниво се бирале ограноци, членството жестоко се спротивставувало и на претседатели и на секретари, а раководствата се повлекувале кога ќе виделе дека луѓето бараат поинаков пат. СДСМ не е партија во која треба беспоговорно да се слуша гласот на еден човек, кој притоа е нов во системот. Тоа едноставно ‘не држи вода’. Можеби се обидуваат на сила да го наметнат тоа, но кај членството таквиот пристап не поминува.“
Тој заклучи дека партијата се соочува со комплексен проблем, но дека СДСМ мора да му се врати на автентичниот демократски капацитет и воспоставените вредности.