Македонија

Петров: СДСМ падна на 8% поддршка, не смееме да чекаме катаклизма, колку побрзо дојде до промена, толку побрзо можеме да закрепнеме

Петров: СДСМ падна на 8% поддршка, не смееме да чекаме катаклизма, колку побрзо дојде до промена, толку побрзо можеме да закрепнеме

Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, повторно ја нагласи потребата од промени во СДСМ, оценувајќи дека партијата се соочува со сериозен пад на поддршката.

Петров рече дека целта на иницијативата во која учествува не е да се чека нов изборен неуспех, туку навреме да се отвори процес на промени.

„Ние не сакаме да бидеме, можеби е груб терминот, во ситуација во која некој би рекол како мршојадци чекате сега да изгуби уште еднаш“, рече Петров.

Тој се повика на актуелните анкети и на последните локални избори, оценувајќи дека изборната поддршка за СДСМ во моментов е значително пониска од онаа што партијата ја имала во претходните изборни циклуси.

„На сите анкети сега сме на 8%, 7,5%, некаде околу сто илјади гласа. Во моментот е толку“, рече Петров.

Според него, токму изборните резултати треба да бидат сигнал за навремено отворање на процес на промени во партијата.

„Колку побрзо дојде до промена, шансите се побрзо да закрепне“, порача тој.

Петров смета дека промената на раководниот пристап треба да биде проследена со пошироко обединување на опозицијата. Како што рече, потребно е ново раководство да разговара со различни политички и општествени групи и да се бара модел за создавање алтернативна политичка понуда.

Во однос на актуелната власт, Петров ја опиша како десно ориентирана и рече дека опозицијата не треба да го презема политичкиот дискурс на десницата, туку да понуди сопствени политики.

„Ние треба да промовираме различни политики, не да влегуваме во нивната вода, во нивниот одвир, затоа што таму може само да се удави опозицијата“, рече тој.

Тој се осврна и на политичкиот речник што се користи во внатрепартиските пресметки. Петров го критикуваше, како што рече, навредливиот начин на комуникација кон членовите и поранешните функционери кои ја критикуваат актуелната политика на партијата.

Како пример го посочи терминот „шизофреници“, за кој рече дека бил употребен за луѓе кои со години носеле одговорност во СДСМ.

„За луѓе кои носеле товар во СДСМ 20 години да употребиш таков термин“, рече Петров, оценувајќи дека таквиот речник дополнително ја нарушува позицијата на партијата.

Според него, критиката на иницијативата не треба да се насочува кон самото нејзино постоење и кон фактот дека група луѓе разговараат за иднината на СДСМ.

„Тоа е вокабулар кој дополнително го руинира СДСМ. Не го руинира тоа што се собра една група на луѓе да дискутира, да разговара како да одиме подобро“, рече Петров.

Тој нагласи дека на првата дебата на иницијативата, според него, не бил посочен ниту еден конкретен човек и оти разговорите биле насочени кон пошироките политички и општествени прашања.

Петров оцени дека реакциите кон иницијативата се засилиле откако таа почнала да привлекува поголемо внимание и откако во јавноста започнале да се појавуваат различни толкувања за нејзините цели.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни