Италијанските синдикати ја нарекоа 2024 година црна година за домашната автомобилска индустрија.
Европскиот автомобилски гигант Stellantis, кој ги обединува марките Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Chrysler и Jeep, се најде во тешка криза поради падот на продажбата.
Со цел да го зголеми производството, компанијата најави дека годинава ќе инвестира две милијарди евра во италијанските фабрики, а шест милијарди ќе бидат наменети за синџирите на снабдување.
Сите италијански фабрики на автомобилскиот концерн, кој беше создаден во 2021 година со спојување на француската групација PSA и италијанско-американската компанија Fiat Chrysler, ја завршија годината во црвено, пренесува Б92.
Вчерашната гордост на италијанската автомобилска индустрија, фабриката на Фиат Мирафиори во Торино лани произведе речиси 70 отсто помалку автомобили, нешто помалку од 26.000 во споредба со речиси 86.000 возила во 2023 година.
Според податоците собрани од италијанските синдикати, последен пат италијанската автомобилска индустрија, денес собрана во гигантот Stellantis, произведе толку малку возила во 1956 година.
Четвртина од само десет работни дена
-Не криеме дека 2025 година ќе биде тешка. Но, сите италијански фабрики ќе продолжат да работат, и многу повеќе – изјави директорот за европски операции на Stellantis, Жан Филип Импарато, во средината на декември.
Минатата година, привремените прекини во производството ги погодија сите италијански фабрики, а во Maserati во Модена, на пример, тие работеа само десет дена во последниот квартал.
– Засега нема факти, имаме само предвидувања. Состојбата во фабриките е сериозна, многу работници чекаат – изјави синдикалната претставничка Уилма Роко Паломбела.
Во 2023 година, според податоците на компанијата, Stellantis беше четвртиот најголем производител на автомобили во светот по продажба – зад јапонската Toyota, германскиот Volkswagen и корејскиот Hyundai.