Пијан со Ауди помина на црвено во Белград и уби татко, мајка и дете

Три животи беа изгубени во страшна сообраќајна несреќа што се случи ноќта меѓу саботата и неделата во Нов Белград. На раскрсницата на улиците „Хероја Кошаре“ и „Омладински бригади“, загинаа мајката Д.К. (1987), таткото Б.Ж. (1982), кој бил сообраќаен полицаец, и нивното дете Ж.М. (2016), објави Нова.рс.

Според првичните информации од истрагата, трагедијата ја предизвикал Никола Ѓ., 24-годишен државјанин на Босна и Херцеговина. Возејќи „Ауди“ со босански регистарски таблички, тој поминал на црвено светло со голема брзина и удрил директно во возилото во кое патувало семејството. Во автомобилот имало и патник, исто така државјанин на Босна и Херцеговина.

Со извршеното алкотестирање е утврдено дека Никола Ѓ. во моментот на несреќата имал 1,17 промили алкохол во крвта. Тој е приведен до 48 часа и ќе биде кривично гонет за тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај.

Сите служби за итна помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но и покрај брзата интервенција и напорите на лекарите, семејството за жал не можело да се спаси. Полицијата продолжува да го истражува инцидентот за да ги утврди сите околности на оваа тешка несреќа.

Сведок на несреќата за „Блиц“ изјавил дека возачот на „Аудито“ поминал на црвено светло и удрил во автомобилот во кој се наоѓало семејството. „Видов секакви работи, но ова е најстрашната работа што некогаш сум ја видел“, рекол потресениот сведок.