Тоа се случило во Индонезија, а огромна змија цела ја проголтала несреќната 54-годишна жена, идентификувана како Јахрах, соопштија за Си-Ен-Ен. Потрагата по жената е започната откако таа не се вратила од плантажа во провинцијата Џамби во неделата. Нејзиниот сопруг ја пребарал областа и ги пронашол само сандалите на жената, јакна, шал и нож, изјавил началникот на полицијата, пренесува Њујорк пост.
Сопругот утредента се вратил во истото место и налетал на огромна змија чии среден дел бил отечен. Веднаш се знаело дека питонот проголтал нешто големо, соопшти полицијата.
На ViralPress беше објавено видео на кое се гледа како човек внимателно користи гранка за да ја закачи главата на питонот надолу, а потоа други го удираат по отеченото место. Вознемирувачката снимка потоа покажува како локални луѓе го сечат питонот за да откријат дали проголтал жена.
– Зачудени сме, се покажа дека жената што ја баравме е во стомакот на змијата – рекол еден од сведоците, пренесува New York Post. Полицијата вели дека змијата најверојатно ја каснала жената, а потоа ја задушила завиткувајќи се околу неа пред да ја проголта. Тие проценуваат дека веројатно биле потребни најмалку два часа. Полицијата вели дека локалните жители се загрижени дека во шумата има уште поголеми змии од питонот што ја проголта жената.