Македонија

„Пиво 2 евра, ноќевање 25 евра“: Турист откри зошто Скопје му е омилен европски град

„Пиво 2 евра, ноќевање 25 евра“: Турист откри зошто Скопје му е омилен европски град

Посетил 43 европски престолнини, но само во еден град постојано се враќа – Скопје. Искусниот патник Конрад Варжеха откри дека македонската престолнина го освоила со својата автентичност, достапните цени и атмосферата која, според него, тешко се наоѓа во другите европски градови.

Варжеха раскажа дека иако некои градови како Рим, поради својата посебна енергија, и Варшава, поради одличната гастрономска понуда, му оставиле силен впечаток, сепак негов фаворит останува Скопје.

Според него, една од најголемите предности на градот е тоа што сè уште не е преплавен со туристи.

„Скопје сè уште не станало туристичка сцена и токму тоа го прави посебно. Мислам дека тоа ќе се промени за неколку години, па сега е идеално време за посета“, вели Варжеха.

Тој признава дека при првото пристигнување немал големи очекувања, но центарот на градот целосно го изненадил. Плоштадот Македонија, Камениот мост и Старата чаршија се дел од местата кои најмногу му се допаднале.

„Градот е многу уреден и убав на начин што не го очекував. Одличен е за пешачење, а целиот центар може да се разгледа за околу половина час“, раскажува патникот.

Посебно внимание му привлекле архитектурата, големите споменици, мостовите и шеталиштата. Тој додава дека се чувствувал безбедно и при вечерните прошетки низ градот.

Освен атмосферата, Варжеха го издвојува и Скопје како достапна туристичка дестинација. Според него, пиво во градските локали може да се најде за нешто повеќе од две евра, додека сместувањето е значително поевтино во споредба со многу европски престолнини.

Тој за четири ноќевања во апартман преку „Airbnb“, на околу 15 минути пешачење од центарот, платил околу 100 евра, односно 25 евра по ноќ.

Голема предност на Скопје, според него, е и близината до природните убавини. Како едно од највпечатливите места го издвојува Кањонот Матка, кој се наоѓа на само околу 20 минути возење од градот.

„Матка е едно од најубавите природни места што сум ги посетил“, вели тој.

Меѓу местата што ги препорачува е и Охридското Езеро, а додава дека од Скопје лесно може да се патува и кон Косово, Србија, Грција и Албанија.

Кога станува збор за храната, македонската кујна е уште една причина поради која повторно би се вратил. Особено ги издвојува јадењата од скара, ајварот и традиционалното тавче-гравче.

За појадок препорачува бурек, а меѓу рестораните што ги издвојува се „Скопски мерак“, „Спајз“ и „Old House“.

„Ако треба да изберам само еден, тоа би бил Скопски мерак поради одличната храна, музиката во живо и топлата, малку хаотична атмосфера која најдобро го опишува Скопје“, вели Варжеха.

Според него, Скопје е град кој сè уште не е целосно откриен од туристите, а токму тоа е неговата најголема предност – комбинација од автентичност, достапни цени, добра храна и природа на само неколку чекори од градскиот метеж.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни