Платени 50.000 евра за касета со разговор меѓу Џон Ленон и Јоко Оно

На аукција во Копенхаген е продадена касета со снимка од разговор меѓу Џон Ленон и Јоко Охо.

Касетата била продадена за 50.000 евра, а на истата има и досега необјавена песна, која била снимена за време на нивната посета во Данска во 1970 година.

Се работи за песната „Radio Peace“, која е снимена на 5 јануари 1970 година, со ученици од Данска, кои успеале да добијат интервју со светски познатата двојка за нивното училишно списание.

Почетната цена за касетата, којашто беше понудена на наддавањето од четворица тогашни ученици, со фотографии од средбата, изнесуваше 100.000 дански круни, додека пак пред аукцијата, проценката на понудениот пакет се крена меѓу 200.000 и 300.000 круни (околу 27.000 евра).

Името на купувачот засега не е откриено, а во 33-минутната снимка Џон Ленон зборува на неколку теми, меѓу кои мировната кампања што ја водат со Јоко, за неговата фрустрација од имиџот на „Битлси“, но и за должината на неговата коса.