Плати над 10.000 евра во здравството – Алиу најави контроли

Министерството за здравство ќе спроведе темелни проверки во јавниот здравствен систем по сознанијата дека дел од лекарите примале екстремно високи плати, надминувајќи 10.000 евра месечно, најави министерот Азир Алиу.

Според него, институциите веќе располагаат со конкретни податоци за вакви случаи, но деталите засега нема да се објавуваат јавно за да не се загрози постапката.

„Имаме лекари со плата од 700 илјади денари, што е повеќе од 10.000 евра. Институциите се познати, но случаите ќе се решаваат по законски пат“, изјави Алиу.

На проблемот укажа и премиерот Христијан Мицкоски, кој зборуваше за сериозни злоупотреби поврзани со пријавување на работни часови.

„Постојат случаи каде здравствени работници пријавувале работа по 24 часа секој ден, па дури и 31 ден без прекин, со што стигнувале до енормно високи плати“, посочи премиерот.

Министерот Алиу нагласи дека освен сомнежите за прекувремена работа, се забележуваат и значителни нерамнотежи во ангажманот на медицинскиот кадар. Додека дел од лекарите прегледуваат само еден пациент неделно, други достигнуваат и до 100 прегледи во истиот период.

„И едното и другото не е нормално и ќе се решава системски“, рече Алиу.

Како дел од мерките, Министерството најави засилени контроли на прекувремената работа, која законски е ограничена на 20 проценти, како и санкции за неажурирани листи на чекање. Планирано е и воведување на фингерпринт систем за евиденција на присуството на вработените, кој веќе се тестира во две клиники во Скопје.

Дополнително, ќе се воспостави поврзување на аптеките со централниот систем со цел спречување на злоупотреби со рецепти.

„Транспарентноста е клучна за враќање на довербата во здравството“, порача министерот Алиу.