Племе од Амазонија има клуч за справување со деменцијата?

Едно племе од Амазонија „Цимане“, чиј волумен на мозокот на луѓето се намалува за 70 отсто побавно отколку кај Европејците може да биде клучно во спречување на деменцијата.

Како што пренесува „Стади фајндс“, истражувачите истакнале дека токму здравата храна и активниот живот што го практикуваат овие луѓе може да ја објасни разликата.

Атрофијата на мозокот или губењето мозочни клетки е симптом поврзан со Алцхајмеровата болест и деменцијата, и иако скенирањето на мозокот покажува дека жителите на племето имаат слично ниво на воспаление на мозокот како и кај другите луѓе, сепак нивниот мозок останува целосно здрав.

Истражувачите додаваат дека иако тие немаат пристап до современата медицина, сепак нивната исхрана и начин на живот се нивната предност.

Тие се исклучително физички активен народ и јадат храна богата со растителни влакна, како зеленчук, риба и помали количини месо, па затоа и во претходни истражувања се покажа дека овие лица имаат многу низок ризик од срцеви заболувања во споредба со Европејците.

Професорот по здравствена економија и антропологија на Универзитетот „Чепмен“, Д -р Хилард Каплан кој ги проучува овие луѓе скоро 20 години, посочува дека „нашиот седентарен начин на живот и храната богата со шеќери и масти“ забрзуваат губење на мозочното ткиво со возраста и прават да сме поранливи на Алцхајмеровата и слични болест.

„Цимане може да послужи како основа за здраво стареење на мозокот. Ова истражување покажува дека Цимане се истакнува не само по здравјето на срцето, туку и по здравјето на мозокот. Наодите нудат многу можности за интервенции за подобрување на здравјето на мозокот“, додава тој.

Инаку, истражувачите го скенирале мозокот на вкупно 746 Циманци на возраст од 40 до 94 години, а тие обезбедиле неверојатно природен експеримент за потенцијално штетните влијаниа на модерниот начин на живот врз нашето здравје.

„Овие наоди посочуваат дека мозочната атрофија може значително да се одложи со истите фактори на начин на живот поврзани со многу ниската опасност од срцеви заболувања“, објаснува д-р Андреј Иримија, истражувач од Универзитетот на Јужна Калифорнија.