По долгогодишното чекање, конечно се придвижува реализацијата на сообраќајната врска кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека започнало ослободувањето на трасата за негово ставање во целосна функција.
Според Ѓорѓиевски, истекол рокот за иселување на семејствата чии имоти биле опфатени со завршената експропријација, со што се создадени услови за продолжување на активностите на терен.
Станува збор за проект кој со години беше предмет на критики, бидејќи мостот беше изграден, но без целосно обезбедена сообраќајна врска со уличната мрежа. Во јавноста поради тоа се стекна и со прекари како „мостот што не води никаде“ и „мостот за ловење риба“.
Ѓорѓиевски вели дека со решавањето на имотноправните прашања се отвора патот за завршување на трасата, која треба да овозможи директно поврзување меѓу двете скопски општини, да го олесни сообраќајот и да го намали времето на патување.
„Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува“, порача градоначалникот, додавајќи дека исполнувањето на ова ветување е започнато за помалку од една година од преземањето на функцијата.
Паралелно, продолжува експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот, со цел целосно да се заврши сообраќајната врска.
Градоначалникот упати благодарност до семејствата чии имоти биле опфатени со експропријацијата, нагласувајќи дека нивната соработка и договор биле важни за надминување на долгогодишната пречка.
Со ослободувањето на трасата и почетокот на активностите на терен се создаваат услови мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно да ја добие планираната сообраќајна функција.