По пет месеци санација базенот „Борис Трајковски“ повторно отворен – на плафонот поставено црно платно за да ја зголеми безбедноста

По петмесечната санација, базенот „Борис Трајковски“ повторно е отворен за посетители, а на плафонот над базенската чаша е поставено црно платно – мерка која, според раководството, треба дополнително да ја зголеми безбедноста на објектот.

Базенот беше затворен откако во текот на летото од плафонот падна лајсна, по што беше спроведена целосна проверка и санација.

Директорот на базенот, Даниел Апостоловски, изјави дека поставувањето на платното е дел од препораките на изведувачот, како дополнителна заштита по санирањето.

„Покривот е целосно саниран, но за поголема безбедност поставено е и платно. Ова е привремено решение додека се подготвува проектот за комплетна реконструкција. Очекуваме до март проектот да биде готов, а наредното лето базенот да биде целосно реновиран“, рече Апостоловски.

Базенот последен пат беше обновен во 2010 година, во време кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а директор беше Ратко Капушевски. Апостоловски претходно посочи дека падот на лајсната се должел на тоа што тогашната реконструкција не била изведена во целост.

Поранешниот директор Капушевски, во моментов, се наоѓа меѓу обвинетите во случај за злоупотреби при набавки на мазут и перење пари, со што, според обвинението, државниот буџет бил оштетен за околу 167 милиони евра.