При уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, Вукашин Црнчевиќ (19), кој беше тешко повреден почина како последица на здобиените повреди на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, потврдија повеќе извори за Нова.рс.
На почетокот на годинава, Вукашин беше префрлен од Универзитетскиот клинички центар на Војводина во Нови Сад на ВМА по барање на неговата мајка. По приемот, неговата состојба беше оценета како тешка, но стабилна.
Поради комплексноста на повредите, последните недели тој се лекуваше на Одделот за интензивна нега при Клиниката за анестезиологија и интензивна терапија. Иако лекарите правеа сè што е во нивна моќ, младиот Вукашин, кој четири и пол месеци се бореше за живот, им подлегна на повредите.
Во несреќата, на Вукашин му беа ампутирани двете стапала, а неговата борба ја следеше целата јавност.
По трагичната вест, студенти, граѓани и неговите соученици од Гимназијата „Светозар Милетиќ“ се собраа пред училиштето за да му оддадат почит. На зградата на Економското училиште во Нови Сад беше поставено црно знаме, а на вратата – некролог.
Да потсетиме, на 1 ноември 2024 година, на железничката станица во Нови Сад се урна настрешницата на главниот влез, при што животот го загубија 15 лица, меѓу кои и две деца, а две лица беа тешко повредени.
Со смртта на Вукашин, бројот на жртвите се искачи на 16. Во Медицинскиот центар Војводина сè уште е хоспитализирана Теодора М., чија состојба, според лекарските извештаи, е стабилна.
Оваа трагедија предизвика големо незадоволство и гнев кај јавноста, што резултираше со масовни студентски протести и блокади на универзитетите и средните училишта. Граѓаните бараат целосна транспарентност во истрагата за реконструкцијата на настрешницата и санкционирање на сите одговорни за несреќата што одзеде 16 животи.