По телефонското разрешување на Котлар: Димитар Богески е новиот директор на Државниот архив

Од Државниот архив на Македонија истакнуваат дека денеска новиот директор м-р Димитар Богески, официјално ја презеде функцијата од неговата претходничка.

Како што велат, за директорот Богески оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани.

„Тој упати благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период.

Архивот како институција зазема значајно место во нашата држава. Тој е чувар на историјата и идентитетот на Република Македонија, обезбедувајќи континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината.

Ова е првпат по долги години на чело на една ваква престижна позиција да дојде човек кој е од редовите на вработените – со 19 години работен стаж, кој ги поминал сите скалила во институцијата. Тоа искуство е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците на услугите на Архивот.

Целта на новиот директор е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија со цел подобра и поефикасна работа. Пред сè, тој е тука за вработените, кои се столбот на институцијата и чија посветеност е клучна за нејзиниот развој.

Директорот Богески верува во заедничка и посветена работа, чија цел е Архивот да се издигне на повисоко ниво – како современа институција која ќе обезбеди дигитализација, поголема достапност на документите, зајакнување на научната и образовната улога, како и промоција на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност.

Државниот архив останува институција која ја гарантира меморијата на државата и ја гради довербата на граѓаните. Со нова енергија и визија, тој ќе продолжи да биде темел на знаењето и мост кон иднината“, велат од таму.