По трагедијата ме викнаа да извршам увид, а денеска сум обвинет, вели градежниот инспектор Гоцев: Не сум имал надлежност да вршам контрола

„Вечерва кога се случи трагедијата, јас веднаш бев во болницата со полицијата и војската. Ги носевме повредените и починатите. Тоа е момент кој не можам да го заборавам.“

Со длабоки емоции и тврдење дека ќе зборува „тивко, но вистинито“, пред судскиот совет се обрати обвинетиот Николчо Гоцев, градежен инспектор во Општина Кочани. Тој се претстави не како криминалец, туку како човек кој таа ноќ помагал до доцна, а подоцна станал „жртва на системска слабост“.

„МВР бараше виновник во општината по секоја цена“

Гоцев изнесе сериозно обвинување кон истражните органи. „Во текот на испрашувањата, инспекторите од МВР велеа: ’Не е можно да нема никој виновен од општината, мора некој да има‘. Зборуваа дека некој мора да ја понесе одговорноста пред јавноста,“ рече тој, алудирајќи дека е избран за обвинет само за да се задоволи јавниот притисок.

„Немам надлежност за ентериер, ниту смеам да влезам без налог“

Во своја одбрана, Гоцев, кој е онколошки пациент, тврди дека законски му се врзани рацете. „Градежниот инспектор не контролира внатрешен ентериер, ниту мерки за заштита од пожар. Законот за инспекциски надзор не дозволува да се влезе во објект без писмен налог или пријава. Инспектор кој нема налог, ако влезе, ќе одговара кривично,“ се бранеше Гоцев.

Тој додаде дека дискотеката почнала да работи 7 години пред неговото вработување и праша: „Ако стотици објекти не ги исполнуваат условите, дали тоа значи дека стотици градоначалници и инспектори треба да бидат обвинети?“

Гоцев откри и дека поднел кривична пријава за друг објект со сериозен ризик во Кочани, но таа била одбиена од истите органи кои сега го гонат него.

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ НИКОЛЧО ГОЦЕВ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Николчо Гоцев (44) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Како овластен градежен инспектор во Општина Кочани од 2019 година до трагедијата, обвинителството го товари за следново:

  • Непостапување по службена должност: Иако законот му дозволува самостојност, тој не повел постапка по службена должност, иако знаел дека во објект за „лесна индустрија“ се врши угостителска дејност (дискотека) спротивно на ДУП-от .
  • Игнорирање на пренамената: Не извршил надзор за да утврди дали со пренамената на просторот е загрозена стабилноста и безбедноста од пожар.
  • Пропуст за затворање: Не донел решение за отстранување на неправилностите или затворање на објектот, иако тоа било во негова надлежност според Законот за градење.