Три недели по тешката тепачка во Скопје, во која беше повреден со нож, почина 13-годишното дете кое по инцидентот беше хоспитализирано во критична состојба, пишува тетово1.мк.
Тепачката се случи на 31 август околу 22 часот на улицата „Македонско-косовска бригада“, при физичка пресметка меѓу две групи. Во инцидентот учествувале пет лица, од кои четворица биле малолетници и едно полнолетно лице.
Според тогашните информации од Министерството за внатрешни работи, во пресметката биле употребени ножеви. Полицијата по инцидентот одзела три ножа, гумена палка и други предмети.
Во тепачката биле повредени повеќе лица, а 13-годишникот се здобил со особено тешки повреди. Тој веднаш бил пренесен на лекување, а лекарите повеќе недели се бореле за неговиот живот.
По околу три недели од инцидентот, детето им подлегнало на повредите.
Информацијата за смртта на 13-годишникот беше објавена доцна синоќа од повеќе медиуми на албански јазик.
Случајот повторно го стави во фокус прашањето за насилството меѓу малолетниците, како и употребата на ножеви и друго ладно оружје во пресметки меѓу млади лица.